„Ред хот чили пеперс“ го најави излегувањето на својот 12. студиски албум насловен „Неограничена љубов“ (Unlimited Love). Тој следува шест години по „The Getaway“ и е првиот албум од 2006 што групата го сними со гитаристот Џон Фрушанте.
„Неограничена љубов“ излегува на 1 април, а беше најавен со синглот „Црно лето“ (Black Summer). Таа е една од 17-те песни на новиот албум, кој ќе трае дури 73 минути.
„Поминавме илјадници часови, што заедно, што индивидуално, за да го направиме најдобриот можен албум. Секоја од песните на новиот албум е еден наш аспект и го одразува нашиот поглед на универзумот. Благодарни сме што имавме можност да бидеме заедно во соба и уште еднаш да се обидеме да се подобриме“, соопшти групата на Фејсбук.
Фрушанте беше дел од групата од 1988 до 2009, па се врати пред три години.