НОБ Ѝ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВА НА ЈАПОНИЈА ЗА ДОНАЦИИТЕ СО ГАЛА ОПЕРСКИ КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Аригато“ е насловен вечерашниот гала оперски концерт во Националната опера и балет (20 часот), со кој оваа институција ѝ се заблагодарува на Јапонија за нејзините инвестиции во инструменти, озвучување и осветлување. Проектот се реализираше од август 2018 до август 2021 и неговата вкупна вредност изнесува 663.000 долари.

На репертоарот ќе бидат арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од Моцарт, Гуно, Пучини, Верди, Делиб, Р. Штраус, Доницети, Леонкавало и Лехар.

Ќе настапат сопраните Сандра Митровска, Наде Талевска, Катерина Стојановска и Елена Голомеова, мецосопранот Соња Пендовска-Мадевска, тенорите Благој Нацоски, Зоран Сотиров и Никола Стојчески, баритонот Ристе Велков и басот Игор Дурловски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ.

Концертот ќе го отворат јапонскиот амбасадор Савада Хиронори и директорот на НОБ, Васо Ристов.