Иднината на Роман Абрамович во Челзи е доведена во прашање откако швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис откри дека му било понудено да го купи клубот.
„Абрамович сака да се ослободи од Челзи што е можно побрзо откако британскиот парламент му се закани со санкции“, изјави Вис за швајцарскиот весник „Блик“.
Абрамович, кој негира дека е близок со Владимир Путин, викендов го предаде управувањето со Челзи на повереници од добротворната фондација на клубот. Ако Абрамович се најде под санкции, продажбата на клубот веројатно нема да биде дозволена.
Вис вели дека Абрамович моментално бара премногу пари за Челзи, на кој му позајмил 1,5 милијарди фунти откако го купи во 2003 година.
„Тој се обидува да ги продаде и своите вили во Лондон. Јас и уште тројца добивме понуда да го купиме Челзи. Клубот му должи две милијарди фунти на Абрамович, а нема пари. Засега не ја знаеме точната продажна цена“, изјави 86-годишниот Вис, чие богатство се проценува на 4,3 милијарди фунти.
Челзи и Абрамович одбија да ги коментираат овие тврдења.