Излезе од печат нова, четврта книга на младиот автор Анде Јанков, насловена „Само Бог простува“, во издание на „Антолог“. Иако е дипломиран економист, велешанецот Јанков вели дека пишувањето романи му е втора работна обврска.
„Ова е трет роман за истрагите на инспекторот Виктор Николов. Една недела по излегувањето од печат, има голем интерес за неа. Тоа ми е особено драго, но и поттик да продолжам да пишувам“, вели Јанков.
Неговите три претходни книги, „Едно лето на Крит“ (2016), „Виенски гамбит (2020) и „Сигурен ризик“ (2021), имаа неколку изданија, бидејќи тиражите бргу се продадоа.
„Сакам да читам литература со крими заплети и трилери и затоа такви и пишувам. Инспирацијата ја наоѓам во секојдневниот живот. Живееме во такво општество, работите не се совршени“, додава Јанков.
Авторот смета дека жанрот трилер е малку присутен во македонската литература, а има своја публика. За една од неговите книги е подготвено сценарио за ТВ-серија, а романот „Едно лето на Крит“ може да се најде на „Амазон“.
П. ПЕЧКОВ