ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА СЕ ЗАБАВУВА СО МОДАТА И КРЕИРАШЕ ЦЕЛ КРАЛСКИ СТИЛ НА ОБЛЕКУВАЊЕ

Лондон, (Ројтерс)

Од дипломатско облекување и бесценет накит, смели бои и бисери до твид и шамија, Елизабета Втора е позната по својот уникатен моден стил. Облека со светли бои со соодветна капа и сеприсутна чанта станаа заштитен знак на 96-годишната кралица, која одбележува седум децении од доаѓањето на британскиот престол.

„Таа разви свој постојан препознатлив стил. Носи ист облик на капа, иста силуета на капут, фантастични црни блок потпетици, но и покрај тоа, многу се забавува со модата. Кралицата е славна со своите блок бои“, вели Елизабет Холмс, авторка на книга за стилот на кралицата.

Елизабета Втора со Меган Маркл (Фото: Гети)

Тие бои вклучуваат канаринско жолто, светлозелено, виолетово и розево, а за официјални посети носеше и црвено, светлосино и портокалово.

„Многу се размислува за облеката на кралицата, зашто кога таа ќе излезе од автомобил, сите гледаат што носи. Сите сакаат да ја видат кралицата“, додаде Холмс.

Кралицата во своето опуштено издание (Фото: Гети)

Во почетокот на нејзиното владеење, облеката на Елизабета ја правеле кралските дизајнери Харди Ејмис и Норман Хартнел, а во последно време, модниот стил ѝ го планира Анџела Кели.

„Кралицата има фантастично разбирање за облеката и модата и многу е свесна што ѝ одговара и што би било соодветно за одредена прилика. Таа внимателно избира и каков брош ќе носи“, кажа Кели своевремено.

(Фото: Гети)

Во неформални прилики, кралицата сака да носи кафеав или син твид и шамија за глава.

„Таа креираше цел кралски стил на облекување, кој е апсолутно препознатлив и видлив. Тој беше користен и како дипломатска алатка и е удобен“, вели Лидија Слејтер, уредничката на „Харпер‘с базар“.