Најголемото познато растение на светот, морска трева трипати поголема од Менхетн, е откриено покрај брегот на Австралија. Користејќи генетско тестирање, научниците утврдиле дека огромна подводна ливада во Западна Австралија, всушност, е едно растение.
Се верува дека тревата се раширила од само едно семе во изминатите 4.500 години. Таа покрива површина од 200 квадратни километри, кажаа научниците од Универзитетот на Западна Австралија.
Тие случајно дошле до ова откритие во заливот Шарк, 800 километри северно од Перт, откако истражиле 18.000 генетски маркери за да дознаат колку различни растенија ја сочинуваат ливадата.
„Одговорот нè шокираше: тоа беше само едно растение. Толку, едно растение распространето 180 километри во заливот Шарк, што го прави најголемо на светот“, изјави Џејн Еџлоу, главна авторка на студијата.
Познат како ribbon weed, овој вид обично расте како тревник со брзина од 35 сантиметри годишно, па научниците на тој начин утврдиле дека биле потребни 4.500 години за да ја достигне оваа големина.