Јапонскиот космонаут Норишиге Канаи се извини за изјавата дека пораснал за девет сантиметри откако ја почна мисијата во Меѓународната вселенска станица, кога изрази загриженост за своето безбедно враќање на Земјата.
Повеќето космонаути „растат“ за време на своите вселенски мисии, бидејќи ‘рбетот им се издолжува во отсуство на гравитација, но тоа најчесто се неколку сантиметри, што се враќа во нормала кога ќе се вратат дома.
Четириесет и едногодишниот Канаи ја почна својата полугодишна мисија пред неполн месец и на Твитер го објави своето откритие.
„Мојата височина беше измерена овдека во вселената и некако пораснав за девет сантиметри. Тука сум само три недели. Ова не сум го видел од средно училиште. Ова малку ме загрижува дека, можеби, нема да можам да влезам во капсулата ‘Сојуз‘ на враќањето дома“, напиша Канаи.
Само ден подоцна, тој се извини, откако, всушност, се издолжил за само два сантиметри.
„Ми олесна. Морам да се извинам за мојата ужасна лажна вест“.