ШКОТСКИ БИЗНИСМЕН КУПИ И ОБНОВИ ЦЕЛО СЕЛО ВО ИТАЛИЈА, КОЕ БИЛО НАПУШТЕНО 50 ГОДИНИ

Рим, (Си-Ен-Ен)

Во изминатите години Италија продаде стотици трошни куќи за мали пари благодарение на шемата за привлекување нови жители во напуштени рурални заедници. За шкотскиот бизнисмен Кесидио ди Кјача една куќа не беше доволна. Тој купи цело село.

Ди Кјача тукушто ја заврши обновата на Борџо И Кјача, село кое потекнува од 16. век и е именувано според неговото семејство. Сместено е во див, нерамен предел меѓу Рим и Неапол.

Обновата на селото почнала пред повеќе од 10 години

На преминот кон 20. век, моите баба и дедо го напуштиле селото во потрага по подобра иднина. Емигрирале во Шкотска, оставајќи го селото, кое половина век стоеше заборавено. Тоа беше село на духови. Почнав да го обновувам пред повеќе од десет години. Тоа беше огромна задача, но сега конечно повторно е живо“, вели Ди Кјача.

Тој е роден во рибарско село близу Единбург, но вели дека секогаш чувствувал силна поврзаност со земјата на неговите претци.

Секое лето кога бев мал доаѓав со родителите во селото. Тие мои посети подоцна станаа почести, по што почнав животна мисија целосно да се поврзам со моите корени и да го оживеам семејното село“.

Кесидио ди Кјача (десно) најголем дел од годината сега поминува во селото

Првиот чекор бил да стапи во контакт со 140 сопственици на имоти во селото, долг и сложен процес кој станал уште потежок поради фактот што миграцијата ги раселила жителите низ цел свет. Последниот жител починал во 1969, по што селото 50 години пропаѓало и било обземено од бујната вегетација.

Ди Кјача вели дека морал да го купи целото село пред да почне со реновирањето. Не открива колку пари вложил.

Не сакам да зборам за тоа. Секако се премногу пари, ова беше луда иницијатива“, признава Ди Кјача.