Вечерва во 20 часот, во продукција на Турски театар, во просториите на Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Среќна Нова година“, во режија на Бојан Трифуновски, а по мотиви на Данил Хармс и Дејвид Ајвс.
В. д. директорот на Турски театар, Наџи Шабан, ја најавува „СНГ“ како мјузикл- кабаре, во кој играат Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Зубејде Али, Емине Халил, Селпин Керим, Џенап Самет, Неат Али, Аксел Мехмет, Един Јакуповиќ и Берхеда Решит.
Режисерот вели дека ова е претстава-лабораторија за уметник кој истражува зошто светот сака да се самоуништува и затоа создава ментален простор во кој слободно размислува и твори.
„Претставата се однесува на сите дежурни виновници за распадот на оваа цивилизација“, вели Трифуновски, кој првпат режира во Турски театар.
Сценографијата е на Љупчо Јованов, костимите на Елена Вангеловска и Антонија Гугинска-Јордановска, музиката на Ади Имери, а кореографијата на Александра Кочовска-Начева.
Репризата е утревечер.
Б. НЕСТОРОСКА