БАРСЕЛОНА ПОТРОШИ 153 МИЛИОНИ ЕВРА НА ЗАСИЛУВАЊА, НО ТРЕТ МЕЧ ПО РЕД НЕ УСПЕА ДА МУ ДАДЕ ГОЛ НА ДИМИТРИЕВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски изјави дека уживал во страдањето откако неговиот Рајо Валекано одигра 0:0 со Барселона на „Камп ноу“ на стартот на новата сезона во шпанскиот фудбал. Тој беше прогласен за играч на натпреварот и трет меч по ред не прими гол од Барселона.

Секогаш е тешко да се заврши меч без примен гол, но завршивме одлична работа. Веќе 180 минути по ред немаме примено гол на ‘Камп ноу‘. Среќен сум со тоа и што можев да му помогнам на тимот. Имајќи ги предвид новите засилувања на Барселона, овој резултат уште повеќе добива на вредност“, изјави 28-годишниот Димитриевски.

Минатата сезона, тој се поврзуваше со трансфер во Барселона, но само за да му биде резерва на првиот голман Тер Штеген. Тоа уследи откако Рајо двапати ја победи Барселона со 1:0, а Димитриевски и на тие два меча беше избран за најдобар играч. Тој има десет одбрани по ред против напаѓачите на Барселона, меѓу кои од оваа сезона е и Роберт Левандовски.

Мадридскиот клуб, за кој Димитриевски настапува од 2018, располага со најмалиот буџет во шпанското првенство, додека Барселона ова лето потроши 153 милиони евра на нови играчи.