Од 17 септември до 1 октомври, во Велес ќе се одржува 19. издание на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Организатор е велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, каде што ќе бидат изведени сите претстави од програмата и придружните содржини.
„За овие две седмици предвидени се 25 настани кои ќе се обединат под мотото ‘Во нови слики‘. По секоја од петте претстави од официјалната програма ќе има тркалезна маса со авторите и изведувачите. Ќе има и две работилници и изложба на театарски фотографии од Филип Цветковиќ од Србија. Жирито кое ќе одлучува за четирите награди е во состав Дејан Дамјановски, Билјана Пројковска-Драгичевиќ и Ѓорѓи Јолевски, кои ќе се претстават со нивни дела: ‘Последната лента на Крап‘ на Јолевски, ‘Кармен‘ на Драгичевиќ-Пројковска и ‘Херои 4:33‘ на Дамјановски. Амфитеатарот во Стоби е во фаза на реставрација и затоа таму не е можно да настапуваме. Кога ќе завршат тие активности, ќе се вратиме на локалитетот“, изјави директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски.
Во конкуренција за наградите се „Антигона“ (Београдско драмско позориште), „Ифигенија“ (копродукција на Центарот за култура од Бијело Поље, Центарот за култура од Колашин и Корифеј театарот), „Одисеј“ (Драмски театар од Пловдив), „Еден Едип“ (Народно позориште од Ниш) и „Пандорината кутија“ (Канада).
Во придружната програма се претставите „И боговите јадат тирамису“ на Софија Петрушевска, танц перформансот „Популус“ на Филип Петковски, танц перформансот „Зад очите на Касандра“ на Адријана Дамчевска и танц филмот „Дома“.
П. ПЕЧКОВ