ЛАЖНИТЕ ВЕСТИ МНОГУ ТЕШКО СЕ ПРЕПОЗНАВААТ, ДРЖАВАТА МОРА ДА ЈА ЕДУЦИРА ЈАВНОСТА, КАЖАА НА МЕДИУМСКА РАБОТИЛНИЦА ВО ТЕТОВО

Тетово, (СМАРТ СДК.МК)

 

Лажните вести не се феномен присутен само кај нас, ги има насекаде во светот, а како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење беше тема на која дискутираа новинари и медиумски работници на работилницата која се одржа на институтот „Макс ван дер Штул“ при Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

„Препознавањето лажни вести е многу тежок процес. За да разбереме што се случува, треба да имаме и големи познавања. Голем дел од нашите политички експерти, советници и владини служби не знаат како функционира светот на Силициумската Долина. Ние требаше да ги вклучиме информатичките технолози во процесите на разбирање на социолошките и политичките проблеми во нашето општество, но нашите млади компјутерџии работат за странски компании“, вели Ида Мартон, предавачка и истражувачка која ја водеше обуката.

Лажните вести и дезинформациите во последните години станаа важно оружје и во политичката сфера и претставуваат сериозна закана.

„Феноменот Велес имаше удел во изборната кампања во САД. Тоа зборува дека лажните вести не се присутни само локално, како што беше порано. Сега, со социјалните медиуми, полето е отворено и веста може да стаса и во најоддалечените земји. Прашањето е како може тие да се следат и спречат“, вели Мартон.

Според неа, за да се заштити општеството од вакви негативни работи, потребни се сериозни државни кампањи за едукација.

Обуката е реализирана во рамките на проектот „Градење на капацитетите на медиумите во борбата против лажните вести и дезинформациите“, финансиран од амбасадата на Чешка.

З. АНДОНОВ