На десетина локации низ Скопје вечерва ќе се одржува традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“, при што ќе можат да се проследат концерти, изложби, проекции, поетски читања, работилници, жонглерско шоу и перформанси.
Централната манифестација ќе биде на плоштадот Филип Втори, каде што Камерниот оркестар на Битола ќе ги изведе музичките теми од филмовите за Џејмс Бонд, а на програмата се и детска театарска претстава, концерт на Мијата и настап на диџеј Дабнотик.
Фестивалот на современа електронска музика „Десонанц“ ќе има целовечерна програма во дворот на Кинотеката, а во Градски парк ќе биде поставена изложбата „Сообраќаен инсектариум – ПајакАрт“, со учество на 13 домашни автори.
Кон 18. „Бела ноќ“ ќе се приклучат и МКЦ, детски културен центар „Карпош“, Национална галерија, Музеј на современата уметност, Музеј на Мајка Тереза, Зоолошка градина, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Музеј на македонската борба и Музеј на Република Северна Македонија.
Настанот е во организација на Универзална сала, а финансиран од Град Скопје.