Рок и поп ѕвезди од бивша Југославија ќе бидат специјални гости на концертот во Филхармонијата со кој ќе се одбележат 60 години од основањето на легендарната босанска група „Индекси“. На концертот закажан за 28 октомври ќе се собере и дел од некогашните членови на групата: Фадил Реџиќ, Нено Јурин, Мирослав Шарановиќ, Пецо Петеј, Владо Правдиќ, Мурис Варајиќ и Иван Кукиќ.
Концертот „Индекси и пријателите“ во Скопје е дел од регионалната турнеја, во организација на компанијата „Мјузик тајм“, а покојниот пејач Даворин Поповиќ ќе го менуваат Дадо Топиќ, Зоран Предин, Нено Белан, Бранко Ѓуриќ, Дино Јелусиќ, Нермин Пушкар, Бојана Стаменов, Амел Ќуриќ, Тамара Тодевска и Дејан Цукиќ.
Групата „Индекси“ се смета за еден од основоположниците на југословенскиот рок, а постоеше од 1962 до 2001, одржувајќи го последниот концерт само месец и пол пред смртта на Поповиќ. Нејзината дискографија брои само два студиски албума, но и десетици синглови.