„ДЕПЕШ МОД“ ГИ НАЈАВИ ПРВИТЕ КОНЦЕРТИ И АЛБУМ ПО СМРТТА НА ЕНДИ ФЛЕЧЕР

Берлин, (АП)

„Депеш мод“ ги најави новиот албум и првите настапи во живо по повеќе од пет години пауза, што следува неколку месеци по смртта на еден од основачите на групата, Енди Флечер.

На специјален настан во Берлин, Дејв Гахан и Мартин Гор објавија дека 15. студиски албум насловен „Мементо мори“ ќе излезе напролет, а ќе биде проследен со турнеја, која почнува со серија концерти во Северна Америка на 23 март. За следното лето е закажана и голема европска турнеја, која во регионот го вклучува само Загреб.

Гахан и Гор во јануари најавија дека работат на нови песни.

„Флеч требаше да ни се придружи во Калифорнија, кога почина во мај, без да слушне нешто од новиот материјал. Сигурен сум дека ќе имаше многу што да каже. Веројатно првата реакција ќе му беше ‘Зошто има толку многу песни за смртта?‘“, кажа Гахан.

Флечер, кој почина од срцев удар на 60 години, учествуваше во создавањето на сите претходни 14 албуми.

„Сигурен сум дека неговото отсуство ќе промени некои работи што досега сме ги правеле. Немаме намера да го менуваме Флеч на сцената“, изјави Гахан, додавајќи дека не знаат што ќе се случува со групата по следниот албум.

(Фото: АП)