Во Ликовниот салон во Велес е отворена изложбата „Спокој-неспокој“ од Коле Манев. Авторот се претставува со 40-ина дела масло на платно и масло на хартија од различни фази и периоди на неговото творештво. Има дела кои се создадени пред 15 години, но и од оваа година, а мотивот е жената.
„Жената е центарот на светот, таа е симбол на постоењето на светот. Има поврзаност со идејата на Адам и Ева. Таа ги симболизира семејството, минатото, иднината“, кажа Манев.
На неговите изложби секогаш има и едно дело со стара градска архитектура. Така е и во Велес, каде што се претстави со мотиви од Воден.
Промотор беше Василис Папас, поет од Грција, кој двапати гостуваше на „Рациновите средби“ во Велес.
„За мене, Манев е еден од најзначајните уметници во Северна Македонија, но и на Балканот. Иако темата на неговите дела на оваа изложба е една, тоа покажува колку е комплициран неговиот живот“, рече Папас.
П. ПЕЧКОВ