Германскиот писател Бернхард Шлинк објави нов роман „Олга”, кој потсетува на неговиот меѓународен бестселер „Читачот”, со тоа што ги прикажува врската на помлад маж и постара жена и нивниот однос кон германската историја и минатото.
Романот „Читачот” го освои книжевниот свет пред 22 години. Ретко имаше германски автор така успешен на меѓународната сцена.
Олга е сираче што ја одгледала нејзината баба на почетокот на 20. век. Таа е учителка која се бори против предрасудите од нејзиното време и се вљубува во локалниот аристократ Херберт, и покрај сите пречки, кои вклучуваат негови бројни патувања во Африка, Америка и Русија.
„Читачот” беше преведен на речиси 50 јазици и стигна до самиот врв на бестселер листата на „Њујорк тајмс”, како прв роман од еден германски писател. Опра Винфри го вклучи романот во нејзиниот клуб на книги.
Во 2008 година, романот доби филмска верзија, со Кејт Винслет, Реиф Фајнс и Давид Крос. Винслет освои Златен глобус и Оскар за нејзината улога на поранешната чуварка на концентрационен логор, Хана Шмиц.