Самостојната изложба на уметницата Елизабета Митрева во Штип, што се отвора денеска во 12 часот, ќе биде посветена на Детското одделение при Клиничката болница, Државното средно училиште за образование и рехабилитација, Центарот за деца со телесна и интелектуална попреченост, Дневниот центар за деца со аутизам и на Мал групен дом за деца без родители во Штип.
Изложбата насловена „Бакнати деца“ ќе се отвори во уметничката галерија „Безистен“, а по нејзиното завршување, 60 уметнички дела од вкупно 85 ќе бидат подарени на спомнатите установи. Останатите остануваат за некоја друга хуманитарна активност во наредниот период.
„Ова е моја трета самостојна изложба во Штип. Тоа се слики главно во акварел и масло изработени под скопското Кале и охридското поднебје. Децата и бакнежот се моја непресушна инспирација. Првата изложба ми беше на тема ‘Бакнато време’, втората ‘Бакнати порти’ и сега ‘Бакнати деца’. Наредната што веќе ја подготвувам ќе биде ‘Бакнато небо’“, вели Митрева.
Таа е редовна професорка на Факултетот за туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а живее во Скопје.
„Преку моите слики ја прикажувам вистината за детскиот свет, но и тагата и самотијата на децата во услови на ковид. Детскиот живот е мистична приказна што тешко може да се чуе. Децата секогаш ќе ми бидат неоткриена вистина“, вели Митрева.
Т. ЈОВАНОВСКИ