ПОД МОТОТО „НЕ ДРАМАТИЗИРАЈ“ ПОЧНУВА 30. СКОМРАХИ, СЕКОЈ ДЕН ЌЕ ИМА ПО ДВЕ ПРЕТСТАВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК.)

Јубилејното 30. издание на интернационалните студентски средби Скомрахи почнува денеска и ќе трае до 5 ноември под мотото „Не драматизирај“. Скомрахи се одржува во организација на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а покровител е претседателот Стево Пендаровски. Свеченото отворање е вечерва во Драмскиот театар во Скопје.

Освен театарски претстави, ќе има и работилници, изложби, промоција на драми од професорката Маја Стевановиќ и научна конференција. Директорот на фестивалот, Илија Циривири, вели дека ќе се изведуваат две претстави секој ден.

„Во рамките на филмскиот маратон ќе се прикажуваат филмови изработени од студентите од ФДУ, меѓутоа и од студенти од Србија и Турција. Она што е особено важно за Скомрахи е офф програмата и особено сум горд и среќен што оваа година, студентите лично работеа на ова“, вели директорот.