Жорж Веа никогаш не добил шанса да игра на светско првенство, иако важи за еден од најдобрите фудбалери на својата генерација. Тој е единствениот африкански фудбалер која ја освоил Златната топка (во 1995), двапати беше италијански првак со Милан, но неговата Либерија никогаш не се квалификуваше за СП, до што најблиску беше во 2002.
Веа (56), кој денес е претседател на Либерија, ќе оди во Катар за да го гледа својот син Тимоти, кој ќе ги брани боите на САД.
Дваесет и двегодишниот Тим Веа е роден во Њујорк додека татко му сè уште беше професионален фудбалер. Игра за францускиот прволигаш Лил на позицијата крило, а за американската репрезентација дебитираше пред четири години.
„Знам дека татко ми е многу возбуден поради мене зашто самиот тој никогаш немал шанса да игра на светско првенство. Мислам дека ќе го преживува тој момент преку мене. Се надевам дека ќе ги направам горди моите родители“, изјави Тим Веа, кој имаше право да игра и за Либерија, Франција и Јамајка, од каде што е мајка му.
(Фото: АП)