Од хип-хоп преку метал до техно, Таксират и на своето 24. издание ќе спои навидум неспоиви музички жанрови вечерва во арената „Борис Трајковски“. Седумчасовната музичка програма стартува во 20 часот, а ќе се одвива на две бини.
Годинашното издание на Таксират го отвора домашниот хип-хоп колектив „Зад аголот“, па следуваат легендите на светската метал сцена „Содом“, кои првпат доаѓаат во Скопје во годината кога одбележуваат четири децении постоење.
Во продолжението ќе настапат „Ла Пегатина“ од Шпанија, британската хип-хоп ѕвезда Ај-Ем-ДиДи-Би и српското дуо „Буч Кесиди“, пред „Борис Трајковски“ да се претвори во техно подиум со Флодер и Германецот Бен Клок.
Малата сала повторно е резервирана за трап/хип-хоп, а ќе настапат Баша од Србија, Хиљсон Мандела од Хрватска и домашните претставници Принцес Донатсу, Донплаја и Јанг Дади.
Влезот ќе биде отворен во 19 часот.
(Фото: Фејсбук)