Практиканството е најголемиот проблем на сите факултети бидејќи гледаме сѐ помалку пракса, па затоа на саемите во кои се вклучени студенти и фирми се дава можност за практична работа, а потоа и вработување, рече Никола Гачевски, претседателот на студентското собрание на Техничкиот факултет во Битола.
На Саемот за вработување, практиканство и стипендии, кој се одржа на Техничкиот факултет, над 20 компании ја презентираа својата дејност, а и студентите имаа можност да се претстават пред потенцијалните работодавачи.
„Сѐ повеќе се бараат инженерски кадри, се отвораат сѐ повеќе компании и сѐ помалку студенти од техничките науки се невработени“, рече Гачевски.
Ректорот Игор Неделковски изјави дека бирократијата досега малку го забавувала процесот на практиканство, па затоа формираат работно тело кое преку програмата „Отворена врата“ ќе овозможи фирмите да се вклучат во наставата, а и студентите да одат во компаниите.
„Допрва ќе се соочиме со недостиг на висококвалификуван кадар од областа на техничките науки кој ќе треба да ги воведе новите технологии во практична примена“, вели деканот на Техничкиот факултет, Митко Костов.
На саемот учествуваше и РЕК „Битола“, кој обезбедува стипендија за најдобрите студенти на Техничкиот факултет.
„Студентите од Техничкиот факултет редовно доаѓаат на пракса во РЕК. Има добра структура на инженери и можат да научат нешто повеќе“, рече Драган Видановски, директорот на Рудници во РЕК.
Ж. ЗДРАВКОВСКА