БИВШИОТ ПЕЈАЧ НА „СЕКС ПИСТОЛС“, ЏОН ЛАЈДОН, БИ МОЖЕЛ ДА ЈА ПРЕТСТАВУВА ИРСКА НА ЕВРОВИЗИЈА

Даблин, (Би-Би-Си)

„Паблик имиџ лтд“, предводен од бившиот пејач на „Секс пистолс“, Џон Лајдон, е во потесната конкуренција да ја претставува Ирска на годинашната Евровизија во Ливерпул.

Песната насловена „Хаваи“ е опишана како „љубовно писмо за долгогодишната сопруга на Лајдон, која се бори со Алцхајмеровата болест“. Ирскиот радиодифузер РТЕ кажа дека бендот на 66-годишниот Лајдон ќе се натпреварува со уште пет имиња во телевизиско шоу следниот месец.

Ирска е рекордер по бројот на победи на Евровизија – седум, но од 2018 не се квалификуваше за финалната вечер.

Лајдон, една од најголемите панк легенди, го формираше „ПИЛ“ по распадот на „Секс пистолс“ во 1978 година. Тој е во брак со Германката Нора Форстер од 1979.