„ЛАЈБАХ“ ГО ОТКАЖА КОНЦЕРТОТ ВО КИЕВ, ГИ НАЛУТИ УКРАИНЦИТЕ СО СВОИТЕ СТАВОВИ ЗА ВОЈНАТА

Љубљана, (АП)

Најавениот концерт на „Лајбах“ во Киев е откажан откако групата ги налути Украинците со коментарите кои сугерираат дека Украина е вклучена во војна што ја водат нејзините западни патрони.

„Лајбах“ требаше да настапи во Киев на 31 март како прва странска група од почетокот на руската инвазија пред една година. Концертот беше замислен како поддршка за украинскиот народ, но организаторите кажаа дека последните коментари предизвикале контроверзи и раздор, што довело до негово откажување.

Во интервјуто за весникот „Гардијан“, „Лајбах“ ја опиша војната како „цинична прокси војна за геостратешките интереси на светските сили“. Многумина Украинци ги споредија ваквите изјави со руската државна пропаганда, која ја прикажува инвазијата како конфликт со НАТО, а Украина како марионетска држава на западот.

„Од нас категорички беше побарано да ги означиме сите Руси како лоши и целата руска уметност како безвредна, што не се согласивме да го направиме. Сакаме уште еднаш јасно да кажеме дека Русија е главниот агресор во овој судир на уништувачки политички и геостратешки интереси. Во оваа бесмислена војна ние со цело срце сме на страната на Украина и нејзиниот народ, кој достоинствено се бори против посилниот непријател“, соопшти „Лајбах“.