МАЈКЛ КЕЈН НАПОЛНИ 90 ГОДИНИ И ВЕЛИ ДЕКА ПРЕМНОГУ СЕ ЗАБАВУВА ЗА ДА ПРЕСТАНЕ ДА СНИМА ФИЛМОВИ

Лондон, (Дојче веле)

„Ако не играм стари луѓе, треба да играм мртви луѓе. Затоа бирам постари луѓе“, изјави Мајкл Кејн на промоцијата на својот филм „Младост“ во 2015 година. Иако денеска наполни 90 години, завршувањето на кариерата не е алтернативата за која размислува.

Британската икона има глумено во околу 160 филмови, меѓу кои има и брилијантни и не така успешни. Кејн е познат како работохоличар меѓу филмските ѕвезди и вели дека многу се забавува кога снима.

Од 1973 е во брак со Шакира Кејн (Фото: АФП)

Роден на 14 март 1933, Кејн пораснал во сиромаштија и бидејќи, како што кажа, главната цел му била да заработи многу пари, не бил избирлив околу улогите.

„Имам снимено многу глупости“, отворено призна во едно интервју.

Актерската кариера ја почнал во средина на 1950-ите со мали театарски и телевизиски улоги. Првата голема улога ја остварил во филмот „Зулу“ од 1964, а само три години подоцна првпат бил номиниран за Оскар, за „Алфи“. Следеа уште две номинации, пред да биде награден за најдобра машка споредна улога во „Хана и нејзините сестри“ во 1987. Вториот Оскар го доби во 2000 за „Животот нема правила“.

Од 1973 е во брак со втората сопруга Шакира Кејн, со која има едно дете.

„Без неа, одамна ќе бев мртов. Веројатно ќе се опиев до смрт“, кажа Кејн, откривајќи дека во почетоците на кариерата пиел шише вотка на ден.

Неговиот најнов филм „The Great Escaper“ треба да излезе оваа година.

(Фото: АП)