„Металика“ си купи сопствена фабрика за производство на грамофонски плочи, набргу откако беше објавено дека винилите ја надминале продажбата на цедеата во САД за првпат од 1987 година.
Легендите на хеви металот сега се сопственици на „Furnace Record Pressing“, фабрика во Вирџинија која 15 години правеше компакт дискови за групата, објави „Билборд“.
„Металика“ продава повеќе плочи од повеќето музичари. Без да објави нов албум, лани продала над 387.000 примероци од своите албуми во овој формат, со што била шестиот најголем продавач на винили во САД. На винил ќе излезе и новиот албум „72 Seasons“, кој ќе биде објавен следниот месец.
Ова следува откако Американското дискографско здружение објави дека продажбата на винилите лани се зголемила за 17%, додека продажбата на цедеата истовремено се намалила за 18%.
(Фото: Фејсбук)