Црната комедија „Нема струја за електричниот стол“, работена по текст на современиот бугарски писател Александар Секулов, во режија на Дејан Пројковски, синоќа беше премиерно изведена во Велешкиот театар.
„Претставата зборува на еден современ сценски јазик, со многу технологија, анимација и видео. Создадовме претстава со која се гордееме и на која се радуваме. Таа е специфична по израз, модерна претстава, во која имаме спој помеѓу театар и филм“, вели Пројковски.
По големиот успех на претставата „Инферно“, за чии изведби постојано се бараат билети, ова е втора соработка на Пројковски со Велешкиот театар. Во дуодрамата играат Васил Зафирчев како осудениот и Исидор Јованоски како џелатот, носечките актери и во „Инферно“.
„Имаме комични ситуации кои произлегуваат од апсурдот, како снемување струја пред извршување смртна казна врз професор, чија ќерка починала во училиште. Учителката ништо не презела додека девојчето се давело од бисквит, по што таткото ја убил учителката. Многу оригинален третман на темата“, рече Зафирчев.
Музиката за претставата и нејзината изведба во живо се на Сашко Костов.
П. ПЕЧКОВ