Во Ликовниот салон во Велес беше промовирана книгата „Смајли во снегот“, хаику поезија за деца од Атанас Крлевски. Ова е негова втора книга со хаику поезија.
„Љубител сум на кратка форма на изразување. Ми лежи. Како сатиричар во афоризмите кои ги пишувам максимално ја користам. Оваа книга воедно е хаиги, кога авторот користи и цртежи како илустрации за хаику поезијата. Во тоа ми помогнаа учениците од гимназија ‘Ацо Русковски‘ од Берово и основците од ‘Васил Главинов‘ од Велес“, кажа Крлевски.
Промоторка беше Лила Арсова, претседателка на клубот на роднокрајни поети „Кочо Рацин“ од Велес. Таа потенцираше дека ова е прва книга со хаику поезија за деца во земјава.
„Делото содржи 50 песни со исто толку цртежи – акварели и графики. Авторот изненадува со поезијата која ја негува за децата, очигледно дека се буди детето во него“, рече Арсова.
П. ПЕЧКОВ