„ФУ ФАЈТЕРС“ ГО НАЈАВИ ПРВИОТ АЛБУМ ПО СМРТТА НА ТАПАНАРОТ ТЕЈЛОР ХОКИНС

Лос Анџелес, (АП)

Фу Фајтерс“ се враќа со нов албум, прв по ненадејната смрт на тапанарот Тејлор Хокинс пред повеќе од една година. Албумот „But Here We Are“, 11. по ред за американската рок група, ќе излезе на 2 јуни, а вчера беше објавен и првиот сингл насловен „Rescued“.

Новиот албум е брутално искрен и емоционално суров одговор на сè она што ‘Фу Фајтерс‘ го издржа во изминатата година. ‘But Here We Are‘ е сведоштво за исцелителната моќ на музиката, пријателството и семејството. ‘Rescued‘ е првата од десетте песни кои опфаќаат широк емотивен распон, од бес и тага до спокојство и прифаќање и безброј точки помеѓу нив“, соопшти групата.

Хокинс беше пронајден мртов во хотелска соба во Богота на 25 март 2022, додека групата беше на турнеја. Дејв Грол и друштвото се простија од него со два спектакуларни музички настана во Лондон и Лос Анџелес, по што ги најавија и првите повратнички настапи. Засега не е објавено кој ќе го замени Хокинс на тапани.