ТАЊА БАЛАЌ НА 5 СЕПТЕМВРИ ЈА ОТВОРА ИЗЛОЖБАТА „РАСЕЛЕНИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Самостојна изложба на Тања Балаќ насловена „Раселени“ (Displaced) ќе биде отворена на 5 септември во Музејот на Северна Македонија во Скопје. Изложбата содржи 27 слики создадени од 2020 до 2022 и претставува своевидно надополнување на нејзиниот претходен циклус почнат во 2017 под влијание на големата бегалска криза.

„Во ‘Раселени‘ за првпат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица кои не можат да се идентификуваат. Тие луѓе ‘патуваат‘ низ нејзините слики, а некои се само тивки набљудувачи на трагичната човечка судбина. Тие фигури изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети веќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики. Слично на ова, и пределите во позадините на сликите се разликуваат од оние на минатите платна“, вели историчарот на уметноста и ликовен критичар Кирил Пенушлиски, кој ќе ја отвори изложбата.

По Скопје, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде што ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ во Советот на Европа.

Тања Балаќ (1968) дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што и магистрирала во 2008. Во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, како инсталација, експериментален филм и видеоуметност.