ПРЕТСТАВАТА „ВО РЕСТОРАНОТ“ УТРЕ ПРЕМИЕРНО ВО ШТИПСКИОТ ДОМ НА КУЛТУРА

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

„Во ресторанот“ е насловена претставата, работена по текст на Трајче Кацаров, која премиерно ќе се изведе утре во 20 часот во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип.

„Лилит или ѓаволицата е првата жена. Од неа настанал Адам. Црквата го премолчува тоа, па наместо Лилит, за прва жена ја прогласила Ева. Тоа се двете жени кои во услови на современото живеење, не знаејќи една за друга, се среќаваат во ресторанот. Условите во ресторанот, диктирани од штрајкот на келнерите, ги зближува. Од интимните исповеди откриваат дека направиле ист грев – прељуба. Лилит го изневерила својот маж со мажот на Ева и обратно. Прељубата за двете прељубници завршува со смртни последици, откако келнерите го палат ресторанот. Лилит и Ева на небото ја продолжуваат расправата која од нив е првата прељубница“, вели Кацаров.

Трајче Кацаров со главните актерки Искра Постолова и Антонела Митева

Претставата е во изведба на драмското студио „Бронзена наметка“, со кое раководи Кацаров. Искра Постолова ја глуми Лилит, а Антонела Митева е Ева, кои, како што вели Кацаров, иако млади, многу смело влегуваат во овој сценски конфликт. Келнер е Даниел Крстевски, а гласот е Филип Стефановски. Изборот на музиката е на Горан Трајков, а сценографијата на Верица Наумова.

Т. ЈОВАНОВСКИ