Нови книги на Игор Анѓелков, Тони Димков и Ѕвездан Георгиевски ќе бидат промовирани на седмото издание на фестивалот АртАреа/Артерија, што ќе се одржува од денеска до недела во МКЦ и кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
„Мина“ е четвртиот роман на Анѓелков, кој издавачката куќа „Или-или“ го објави порано оваа година.
Димков ќе ја промовира книгата „Рефлексии“, негова трета во која се содржани интервјуа и разговори што ги правеше за прилогот „Културен печат“ во весникот „Слободен печат“. Меѓу другите, тука се собрани интервјуа со Ѓорѓи Јолевски, Влада Урошевиќ, Луан Старова, Милка Ефтимова, Крсте С. Џидров-Џиби, Тошо Филиповски, Владан Дробицки, Гоце Стефковски и други. Книгата е издание на „Бегемот“.
Истата издавачка куќа го објави и вториот роман на новинарот Ѕвездан Георгиевски, „Плачеш како кит“, чија официјална промоција исто така ќе се случи во рамките на фестивалот.