КНИЖЕВЕН РАЗГОВОР СО ИГОР АНЃЕЛКОВ ВО БИБЛИОТЕКАТА „БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Денеска од 19 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе се одржи разговор со Игор Анѓелков, авторот на „Двојна експозиција“, книга на месец април. Разговорот ќе се одржи во спомен-собата „Т’га за југ“ во рамките на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

„Двојна експозиција“ (издание на „Или-Или“, 2022) е збирка од 12 раскази, поделени во шест циклуси: Невиност, Љубов, Бизар, Афион, Статус и Смрт.

Анѓелков (1974) дипломирал новинарство, а магистрирал на медиуми и комуникации на Правниот факултет во Скопје. Покрај тоа што пишува критички осврти и рецензии за филмот, музиката и книжевноста, косопственик и уредник е во издавачката куќа „Или-Или“. Официјалното деби како писател го имаше во 2006 со збирката раскази „Кротки приказни“, а потоа следеа романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020).