МИСЛЕВ ДЕКА НЕМА ДА ПРЕЖИВЕАМ ОД ВОЗБУДА, РЕЧЕ КОКИ ЈАНКОВ СНОШТИ ВО ШТИП НА КОНЦЕРТОТ ПОСВЕТЕН НА ПОКОЈНИОТ КОЛЕГА ДУЛЕ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Виолинистот Никола Јанков-Коки сношти во родниот Штип одржа концерт во чест на неговиот покоен колега и пријател Душан Љубисављевиќ-Дуле, кој почина од рак на 23 септември 2013 година.

Коки симболично го избра Домот на млади во Штип за овој настан, како место каде што тој и Дуле започнале со првите настапи. Концертот носталгично почна, со песната „Што те нема“ од босанската пејачка Јадранка Стојаковиќ, која Коки ја отсвире и отпеа сам, без придружба на бендот, со слика од Дуле на видеобим.

„Би сакал да можам да се сменам со вас, јас да бидам во публика, но ќе издржиме. Мислев дека нема да преживеам изминативе денови од возбуда, нервоза и трема, а преживеав поради вас“, ѝ рече Коки на публиката.

По концертот, Коки ни изјави дека ќерка му Лара му помогнала да ја надмине тремата, откако се качи на сцената, го прегрна и му подари цвеќе. Лара седеше во првиот ред со нејзината мајка Росана, поранешната сопруга на Коки.

Коки со ќерката Лара. (Фото: Смарт.СДК.МК)

Во првите места пред сцената беше и семејството на Дуле: неговата сестра Марија, мајката, таткото и братот. Еден од внуците на Љубисављевиќ, синот на брат му кој е роден по неговата смрт, се вика Душан, по својот чичко. И внуците на покојниот пејач беа во публиката. Сестрата Марија се расплакуваше речиси на секоја песна за која Коки раскажуваше дека му била омилена на Дуле.

Марија, сестрата на Дуле со семејството беше во публиката на концертот. (Фото: Смарт.СДК.МК)

„Му благодарам на семејството на Дуле што некако издржа и дојде тука“, рече Коки и се поклони пред нив.

„Во 2013 кога си замина Дуле, јас не знаев ни да свирам, ни да пеам. Не знаев што понатаму, не знаев како да продолжам со музиката и со настапите. Дуле беше пејачот, беше мангуп, луѓето го сакаа, јас секогаш бев во позадина. Затоа не ми беше лесно вечерва да бидам фронтмен“, ни изјави Јанков.

Коки кажа дека Каролина Гочева ја купила првата онлајн влезница за концертот. Каролина беше во публиката со пријателки.

Каролина Гочева, која ја купила првата онлајн влезница за концертот, дојде со пријателки. (Фото: Смарт.СДК.МК)

„Дуле ми беше многу добар другар. Ги познавав и него и Коки уште од некој Макфест во деведест и некоја, па имам безброј спомени со нив, особено со Дуле. Секогаш кога ќе ме здогледаше на некој нивни настап веднаш на микрофон ме викаше и почнуваше некоја песна за да отпееме заедно. Често одев и во неговиот ресторан и знаевме со часови да седиме и да си правиме муабет. Неверојатно ми е дека 10 години го нема. Браво за Коки што нѐ собра и што направи таква атмосфера како во старите добри времиња. Мислам дека во еден момент сите се почувствувавме како на некоја нивна свирка. Се надевам и би сакала тоа да се повтори пак за некое време“, ни изјави Каролина Гочева.

Коки симболично го избра Домот на млади во Штип за овој настан, како место каде што тој и Дуле започнале со првите настапи. (Фото: Дом на млади)

 Освен „Марама“, „Колку треба да се плати“ и „Виолина и гитара“, победничката песна од „Макфест“ од 1996 година која го прослави дуото „Дуле и Коки“, Јанков ја испеа и „Песна за Дуле и Коки“. Автор е актерот и шоумен Игор Џамбазов, кој ја отпеал со својата гитара на ТВ-снимање. Без да знае Џамбазов, Дуле го снимил со својот мобилен телефон и таа оригинална снимка се најде на еден од албумите на Дуле и Коки.

На сцената, Коки настапи со деветмина музичари, меѓу кои и гитаристот Стевче Грозданов, Љупчо Трајковски-Фис на бас гитара и авторот на песната „Виолина и гитара“, Валентино Скендеровски, на клавијатури. По Штип, Коки планира да одржи концерт и во Скопје до крајот на годината со неколку гости.

 

М. ЏАРОВСКА