Од денеска, на паркингот пред арената „Борис Трајковски“ во Скопје обилно ќе се пие пиво бидејќи почнува тридневниот Пиволенд. Организаторите најавуваат разновидна палета пива од Македонија и странство, а пријавен е и голем број произведители на занаетчиско (крафт) пиво.
Настанот по обичај ќе биде проследен со богата музичка програма, која главно вклучува домашни групи и изведувачи. Меѓу учесниците се најавени Игор Џамбазов со бендот на Гуру Харе, Дани Димитровска, „ДНК“, „Некст тајм“, „Куку леле“, а од алтернативната сцена „Конкеринг лајон“, „Флукс“, „Ноу нејм нејшн“ и „Културно-уметнички работници“, како и диџеј настапи.
Со посебен настан ќе се одбележат 50 години хип хоп, во што со свои настапи ќе придонесат „Чиста околина“, „Подземен ефект“, „Бед контракт“, „Пука козметика“, „ДСШ“ и други.