„ТАНЕЦ“ И ОРКЕСТАРОТ НА НОБ ЌЕ ГИ СПОЈАТ НАРОДНОТО И КЛАСИКАТА НА ЗАЕДНИЧКИ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
На 27 септември од 20 часот, во големата сала на Националната опера и балет ќе се одржи заеднички концерт на НУ „Танец“ и оркестарот на НОБ.
Овој музичко-сценски настан е првиот заеднички настап на НОБ и „Танец“ и е со наслов „Фолклорно-класична симбиоза“. Најавени се повеќе од 130 учесници на сцената, а на реперторот, меѓу другото, ќе се најдат и кореографиите на „Танец“, „Осоговка“, „Малешевка“, „Жетварка“, „Пиринско пролетно цвеќе“ и „Водарки“, како и други македонски орски и вокални мелодии, обмислени во нови аранжмани.
Ќе настапат оркестарот, хорот и играорниот кор на „Танец“, во придружба на оркестарот и хорот на Националната опера и балет. Диригент е маестра Бисера Чадловска, а концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Оркестрациите за овој проект ги подготви Дарко Илиевски.