СО ХРАБРИ КРЕАЦИИ СЕ ОТВОРИ СКОПСКИОТ МОДЕН ФЕСТИВАЛ – ФОТОГАЛЕРИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со ревијата на модната дизајнерка Елена Лука, во четврток навечер се отвори Скопскиот моден фестивал во ноќниот клуб „Пјур“.

Беа прикажани разни креации на фустани, костуми и капути наменети повеќе за помладата публика. Доминираше свилата како материјал и светките како впечатлив детаљ.

Пред ревијата, дизајнерката изјави дека ѝ е драго што успеа да изгради животен стил, кој стана симбол на артистичната мода, слободата на креативната мисла и на храброста да се излезе од рамките на комфорот.

По Елена Лука беше прикажана деби колекцијата на „Сербез“, а по неа креациите на дизајнерката Илка Брада од Косово. Музички гости на првата фестивалска вечер беа дуото „ДНК“ и неколкумина диџеи.

Модниот фестивал продолжува и в петок од 19:30 часот со неколку ревии и музички гости.

Модни шоуа се најавени и за сабота во истиот клуб, во рамките на манифестацијата „Бела ноќ“.

Една од гостинките на Скопскиот моден фестивал во публиката. (Фото: Ѓ. Личовски)

Меѓу музичките гости ќе биде и поп пејачката Елена Ристеска, која во клубот ќе одржи концерт в петок.

М. ЏАРОВСКА / Фото: Ѓ. Личовски