Научниците ги открија најстарите обувки во Европа – сандали исплетени од трева, чија старост е проценета на 6.000 години. Тие биле дел од мноштвото древни предмети пронајдени во пештера во Шпанија, која била ограбена од рудари во 19. век.
Сандалите останале извонредно зачувани благодарение на ниската влажност и силните ветрови во пештерата. Истражувачите истовремено анализирале корпи и комплет алатки.
„Овие предмети се најстариот и најдобро зачуван збир на материјали од растителни влакна досега пронајдени во јужна Европа. Технолошката разновидност и третманот на суровините ја истакнуваат вештината на праисториските заедници“, изјави Марија Ереро Отал, која го водеше истражувањњто.
Со новите техники на датирање било утврдено дека колекцијата од 76 предмети пронајдени во пештерата е постара за 2.000 години од она што досега се веруваше. Некои предмети биле направени пред 9.000 години.