КОНЦЕРТИ, МОДНИ РЕВИИ, ИЗЛОЖБИ И ПРЕТСТАВИ НА „БЕЛА НОЌ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи утре на повеќе локации низ Скопје. Најавени се концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси на десетици локации низ градот.

Централната манифестација ќе се одржи пред Порта Македонија – концерт со композициите од маестро Кире Костов што ќе ги пеат Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски. Ќе ги придружува Биг бенд, со кој ќе диригира Љупчо Мирковски. Најавено е и визуелно шоу со 3-Д мапинг на самата порта.

Пред настанот посветен на Костов, рок концерт ќе одржат учениците од 10 до 18 години од музичкото училиште „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски.

„Октомвриски музички поход“ ќе го има своето прво издание на Школка во Градски парк, а ќе настапат „Педро Хоризонте“, бендот на Стефан Петановски, „Занаду бенд“, „Димиш бенд“ и диџеите Раста Грл, Чарли и Јаска.

Во ГТЦ ќе се одржи изложбата „Игри и мечтаења“ на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а во Факултетот за драмски уметности ќе има повеќе театарски престави и филмска и музичка програма.

На плоштадот Филип Втори ќе настапат повеќе културно-уметнички друштва со македонските ора. 

Во Кинотеката на Македонија ќе можат да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, а во галеријата „Остен“ ќе биде поставена изложбата „Право на јавни простори“ на Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот Американ колеџ.

Во Капан ан ќе биде прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе биде поставена изложбата „Култура во кутија“. Во ноќниот клуб „Пјур“, во рамките на Скопскиот моден фестивал, ќе се претстават модните дизајнери Ивана Кнез, Ѓорѓе Башаревиќ, Бошко Јаковљевиќ и Цеце Т.

Во програмата ќе се вклучат и Културно-информативниот центар, Детскиот културен центар „Карпош“, Музејот на Град Скопје, Музејот на современата уметност, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Националната галерија, Музејот на македонската борба и самостојност и Турскиот театар.

Сите настани се од отворен карактер и бесплатни за посетителите. Настанот е во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје.

Фото: Уличен изведувач на „Бела ноќ“ во 2016 (Фото: Ѓ. Личовски)