ГРАН-ПРИ ЗА БЕЛГРАДСКАТА ПРЕТСТАВА „МОМЧЕТО СО КУФЕРОТ“ НА ФЕСТИВАЛОТ „ИГОР МАЏИРОВ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Српската претстава „Момчето со куферот“, во режија на Дамјан Кецојевиќ, ја доби Гран-при наградата за најдобра претстава на второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во Скопје.

Претставата е во продукција на Мал театар „Душко Радовиќ“ од Белград, а доби уште неколку награди, за кои одлучи жирито: Тин Грабнар – режисер од Словенија (претседател) и членовите Миливоје Млаѓеновиќ – театролог од Србија и Драган Довлев – актер.

„Момчето со куферот“ ги доби и наградите за најдобра режија и за најдобри актерски остварувања (Јелена Илиќ и Недим Незировиќ), како и за костимографија (Маја Мирковиќ). Беше прогласена за најдобра претстава и од членовите на детското жири во состав: Тара Поповска, Уна Силјановска, Теофил Сачкарски, Неда Блажевска, Саша Димитриевска и Максим Ѓорѓиевски.

Наградата за најдобра сценографија е доделена на словенечката претстава „Шумата од песни“, во режија на Петер Кус.

(Фото: Ј. Јанковиќ)