ЦРНОГОРСКАТА ПРЕТСТАВА „ДЕКАМЕРОН“ НА ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ ВЕЧЕРВА ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Претставата „Декамерон“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски, продукција на Градско позориште од Подгорица и Народно позориште од Ниш, ќе се изведе вечерва (20 часот) во Драмски театар во Скопје на фестивалот РУТА. Драматизацијата на делото од Џовани Бокачо ја направи Стеван Копривица.

„Чумата коси низ Европа, милиони мртви. Годината е 1348, нема лек, надеж, утеха, нема рационално промислување. Социјалната изолација е единствениот начин да се преживее. Бокачо сместува во изолација група млади луѓе, кои ќе ѝ се спротивстават на болеста со раскажување приказни, уживајќи во животот и во подарените мигови на среќа во апокалиптичното опкружување. Кога Бокачо го направил тоа, нема зошто и ние да не го направиме во театарското читање на ‘Декамерон’, со цел да се обидеме да ги побараме заедничките именители на нашето време и средновековната Фиренца. Неверојатно е колку од мотивите се преклопуваат, колку сличности има“, вели Пројковски.

Сценографијата и костимите се исто така на автори од Македонија, Валентин Светозарев и Марија Пупучевска.

(Фото: „Медиа про“)