ГИ ЖИВЕАМ МОИТЕ НАЈУБАВИ ЗЛАТНИ ГОДИНИ, ВЕЛИ ВЛАДО ЈАНЕВСКИ ПРЕД КОНЦЕРТИТЕ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Владо Јаневски ќе одржи три концерти во Филхармонијата во Скопје, на 16, 25 и 26 ноември, во организација на „Авалон“. Концертите се насловени „Златни години“. Кантавторот вели дека насловот на концертите доаѓа од актуелниот сингл што ќе го промовира на фестивалот Макфест во Штип на 21 октомври, каде што ќе биде специјален гостин.

„Насловот не се однесува на годините од кариерата, туку на најубавото време во мојот живот, а тоа е ова сега. Како млад не можев ни да сонувам дека овие години ќе ми бидат најубави и дека олку ке уживам во секој ден. Зрелоста на оваа возраст ја гледам во тоа што веќе одамна престанав да ги бркам ‘големите работи‘ кои ги сметав за многу важни. Сега убавината на денот ја мерам со малите задоволства кои ме исполнуваат. Кариерата е само мисловна именка, ама животот не е. Затоа, кога ќе ме слушнете да пеам за златните години, значи дека мислам на овие години кои ги живеам сега“, ни изјави Владо Јаневски.

Вели дека го радува фактот што сѐ уште има инспирација и радост за пишување нови песни и дека телото и гласот му се во одлична кондиција да ги отпее на концерт, кој понекогаш трае и по 2-3 часа.

„Традиционално, вакви концерти во Скопје ми се случуваат на секои 4-5 години и секако дека се некакви столбови на мојата кариера, кои и јас и публиката ги доживуваме како емотивно патување со помош на триесетина песни кои си ги пееме заедно. По многуте концерти во Универзална сала и арената ‘Борис Трајковски‘, сега ги имаме овие експресно распродадени три концерти во Филхармонија“, кажа Јаневски.

Владо Јаневски вели оти телото и гласот му се во одлична кондиција. (Фото: Фејсбук)

Додава оти му е мило што публиката и тој се желни за повторно дружење и заедничко пеење.

Пред повеќе од една година, Владо Јаневски од Скопје се пресели во Гевгелија поради помирниот начин на живот.

„Во Гевгелија живеам мирно и спокојно и тоа многу ми годи. Најчесто сум дома. Порано после концерт одев на разни забави и полуприватни собиранки и не се брзав да се враќам во Скопје. Сега, штом се симнам од сцена во кој било град, седнувам во мојот автомобил да се вратам што побрзо во Гевгелија. Тука имам тесен круг на пријатели и тоа ми е доволно. Во Скопје доаѓам само кога имам работни обврски, ТВ-снимања, работа во студио или промотивни активности“, изјави кантавторот.

Во еден период од неговата кариера, тој живееше и настауваше во Русија, а често престојуваше и во Хрватска, каде што снимаше нови песни и учествуваше на музички фестивали. Поп пејачот вели дека иако имал можности, избрал да остане да живее во Македонија.

„На ова прашање има еден краток одговор: на човек му треба добра причина да остави сѐ што го викал свое и да замине, но не му треба ниедна посебна причина за да остане дома – свој на своето. Поопширно објаснување на оваа тема ќе најдете во моите песни“.

Јаневски вели дека неговата верна публика лично се врзува за неговите песни, кои се главно автобиографски. Според него, нема една песна која најдобро може да го опише, туку се повеќе.

„Оние кои се сметаат себеси за моја публика го знаат одговорот на ова прашање. Не зборувам за оние кои само чуле за мене и слушале мои песни ако ги начекале на радио и толку, тие не ги сметам за моја публика. Моја публика се оние кои одвоиле време и пари и купувале мои цедеа и влезници за моите концерти, понекогаш и два месеца однапред, како што е случајот со овие ноемвриските во Филхармонија. Е, тие знаат дека не постои една песна која е ‘нај Владо Јаневски’, туку ме наоѓаат во секој стих од секоја моја песна. Мојата публика е интелигентна и знае кај што треба да прочита и меѓу редови за да открие тајни пораки кои им ги оставам како скриени бисери, за тие да ги откријат на второ или 200. слушање. Тие знаат да ценат што веќе 30 години пред нив ја разголувам сопствената душа и им раскажувам за мојата ранлива внатрешност и затоа ми се лојални, а јас сум им благодарен за тоа“, изјави Јаневски.

М. ЏАРОВСКА