„КИНО ЉУБОВ“ НА ЈАНИ БОЈАЏИ ЌЕ ИМА МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА 13 ОКТОМВРИ ВО ШТИП

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Штипјани ќе имаат ретка можност да бидат домаќини на премиера на македонски игран филм. „Кино Љубов“, во режија на Јани Бојаџи, првпат ќе се прикаже во Македонија на 13 октомври во Киноверзум во Штип, со почеток во 21 часот.

Бојаџи е режисер, сценарист и копродуцент на филмот, во кој во главните улоги се Дејан Лилиќ, Јелена Жуѓиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски. Музиката ја напиша Горан Трајковски, дизајнер на звук е Игор Василев, продукциски дизајнер е Лазе Трипков, а директор на фотографијата е Иван Зороски.

Првпат се случува македонска премиера на игран филм да се одржи надвор од Скопје. Продукцијата се одлучи за Штип како културен и универзитетски центар во Македонија и град со богата кинотрадиција“, велат од „Синемон медија фектори“.