Деца и младинци со оштетен вид од училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје формираа прв музички бенд, „Звучен бран“.
Членовите на ротари клубовите „Скопје Север“ и „Скопје Исток“ ја остварија долгогодишната желба на учениците и на раководниот училиштен кадар да се оформи целосен музички бенд. Донацијата, обезбедена со проект поддржан од Сојузот на ротари клубови во Македонија, се оствари по повод Денот на белиот стап, посветен на славењето на достигнувањата на слепите и лицата со оштетен вид.
Учениците добија тапани, две електрични гитари, засилувач за гитара и два микрофона. Заедно со веќе постоечките музички инструменти, училиштето го комплетираше и својот прв музички бенд. Во рамките на „Димитар Влахов“ функционира и верификувано нижо музичко училиште каде што се промовира и практикува индивидуален пристап за деца од седум до 14 години. Талентираните ученици учат теорија на музика и како да свират пијано, хармоника и кларинет.
„Долгогодишна идеја и желба на училиштето и на колегите кои работат во нижото музичко беше да се оформи школски бенд, кој би можел да нѐ претставува на локални и меѓународни натпревари и настани и со тоа да се промовира инклузија на лицата со оштетен вид. Но, училиштето се соочуваше со значителни финансиски проблеми за одржување на часовите по музика, со оглед на застарените инструменти или нивни недостаток“, вели Бобан Спасенцовски, директорот на училиштето.
По набавката на инструментите, проектот на ротари клубовите предвидува да се продолжи со бесплатна едукација и менторство на децата и младинците од страна на стручни лица од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Во моментот, во „Димитар Влахов“, кое постои повеќе од 60 години, функционира основно училиште со 33 ученици и средно училиште со 15 ученици. Во училишниот интернат се регистрирани 15 ученици. Наставниот процес го одржуваат 30 наставници.