Претставата „Ало! Ало!“, во режија на Синиша Евтимов, премиерно ќе се изведе вечерва (20 часот) во Театар Комедија. Од Театарот ја најавуваат претставата како духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилството. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“ во окупираното Скопје за време на Втората светска војна.
„’Кај Јорго’ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги ‘менаџира’ односите со двете страни и да остане жив во војната. Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, јазични сплетки и сатиризирање на разни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија“, велат од Комедија.
Играат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски-Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.
Во подготовката на претставата учествуваа Илина Ангеловска (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Борјан Стојков (асистент на режија), Марија Ѓорѓиевска (асистент на сценографот) и Ивана Каранфиловска (асистент на костимографот).
„Ало! Ало!“ е британски ситком емитуван на „Би-Би-Си 1“ од 1982 до 1992 со вкупно 85 епизоди.
(Фото: К. Галевски)