Ламбе Алабаковски во дует со Полина Тасева, настапи на втората вечер на фестивалот „Макфест“ со песната „Врати се“. Идејата за овој дует е на Роберт Саздов, уметничкиот директор на фестивалот.
„Точно знаев дека од Ламбе и Полина ќе излезе одличен дует“, ни изјави Саздов по завршувањето на фестивалот. Ламбе се присети на неговиот прв настап на „Макфест“ во 2005 година, кога ја испеа песната „Ех да можам“. Тогаш, како нова поп-ѕвезда од проектот „М2, потрага по ѕвезда“, настапот на „Макфест“ за него бил нешто големо и значајно.
„Автори на пената во 2005 година беа Дарко Димитров, квартет Гајдов и Елена Ристеска. Тогаш ‘Макфест’ ми изгледаше многу повозбудливо од сега. Имав 17 години и тогаш токму овде го промовиравме албумот „Море од солзи“. Најголем ќеф и најголема чест ми направи што Киро Глигоров, нашиот претседател гласаше јавно за мене. Тој беше во публиката, а тогаш на ‘Макфест’ се доделуваа награди според гласовите од публиката. Глигоров како штипјанец често одеше да го гледа фестивалот, а потоа изјави дека гласал за мене. Тоа ми е еден убав спомен“, ни изјави Алабаковски.
Пејачот вели дека најголемиот успех за еден пејач е песната да остане слушана. И денес, песните од албумот „Море од солзи“ се актуелни и тој ги пее на неговите настапи.
Ламбе речиси седум години години со сопругата и со двата сина живееше во Америка, а во 2021 година, решија да се вратат во Битола каде што сега живеат. Пејачот за првпат јано настапи на шоуто „М2, потрага по ѕвезда“ во 2005 година, со песната „Спаси ме“.
Полина Тасева е дипломирана соло пејачка, и освен со поп-музика, таа се занимава и со оперско пеење.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ