Бојана Скендеровски по осум години пауза настапи на Макфест со песната „Да те немам“. Поп пејачката се потсети на нејзиниот прв настап во Штип пред точно 20 години, кога како дебитант успеа прво да влезе во финалето, а потоа и да победи со песната „Немам одбрана“.
„Пред точно дваесет години првпат дојдов на Макфест. Имав 19 години и не знаев каде се наоѓам. Првпат во животот се соочив со пеење во живо, држење микрофон, со интеракција со публика, што за мене беше сосема нов свет. Интересно е што победив на сите три вечери, од дебитант влегов во полуфинална, па во финална. Тоа беше многу значајно за мене тогаш, зашто влегов сериозно во македонската естрада“, ни изјави Скендеровски по настапот на Макфест.
Пејачката вели дека Макфест лично ѝ е многу значаен и оти сестра ѝ Ивана Атанасовска, која беше со неа на фестивалот, го добила името по песната на Кемал Монтено, „Кој да ти каже Ивана“.
„Кога имав четири години учев да пеам на песната ‘Признавам‘. Ја пуштав на касетофонот на баба ми за да ја научам. И втората песна е ‘Кој да ти каже Ивана‘ од Кемал Монтено, затоа што сестра ми е крстена по таа песна. Јас сум голем фан на Макфест од мали нозе и на мајка ми кога била бремена со сестра ми сум ѝ рекла дека бебето мора да се вика Ивана, па макар да е и машко, затоа што тоа била моја омилена песна“.
Скендеровски и во 2015 победи на Макфест со песната „Диви цветови“, а во тоа време фестивалот не одеше на матрица како сега, туку со оркестар во живо. Вели дека атмосферата на годинашново издание на фестивалот ја потсетувала на претходните години затоа што се сретнала со повеќето од медиумите и пријателите кои ја поддржувале и порано.
„Ние сме носталгични по тие стари песни на Макфест затоа што биле дел од некој наш животен период. Но, мораме да ги следиме и светските трендови, новите генерации си имаат нови правци и колку и да сме носталгични по некое постаро време, мора да сфатиме дека музиката оди напред“, кажа Бојана.
Песната што ја испеа на Макфест е брза, клупска песна, чии аранжман и музика се нејзини, а текстот е на Робин Зимбаков.
„За мојот изглед овојпат беше задолжена Ивана Кнез, која инспирацијата за креацијата ја најде во приказната од романот ‘Дилбер Стана‘ на Стале Попов, девојка заробена во сопствени соништа која мечтае по љубов“, кажа пејачката.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Т. Трајчев