В понеделник (13 ноември) во 18:30 часот, во Централната пошта во Скопје ќе се отвори архитектонска изложба во знак на 60-годишнината од скопскиот земјотрес. Изложбата произлезе од конкурсот „Скопје на новата генерација“, а ја организира Европска куќа Скопје.
Изложбата ќе ја отвори евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ќе ги прогласи и победниците на конкурсот. Овој настан ќе служи како платформа за визијата и развојот на градот, креирана од новата генерација архитекти и урбанисти.
„Фазата на пријавување доведе до одлични иновативни архитектонски предлози, кои претставуваат можност за скок кон поинклузивен и ревитализиран град, како и кон модернизација на Скопје“, велат организаторите.
Настанот ќе се одржи во шалтерската сала на Поштата. Изложбата ќе биде отворена за посетители од 14 до 16 ноември, од 12 до 15 часот. Со настанот симболично ќе се одбележи 13 Ноември, денот на градот, но и четвртиот роденден на Европска куќа Скопје.
(Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ)