Во велешкиот театар „Јордан Хаџи Костантинов-Џинот“ денеска (10 ноември) на малата сцена премиерно ќе се изведе претставата „Драма изгубена во времето“, во режија на Деан Дамјановски. Текстот е на Сашко Насев, работен според мотиви од расказот на грчкиот автор Танасис Валтимос, „Темно сино, речиси црно“.
„Во претставата се преплетени повеќе приказни од двата основни лика, кои се именувани Тој и Таа. Тие се актери кои на сцената играат и дел од своите приватни и професионални животи. Во драмата на Насев има мешање на неколку медиуми. Претставата бара голема прецизност оти бргу се менуваат медиумите. Таа е документ за создавање претстава, давање живот на текст на сцената“, кажа режисерот Дамјановски.
Претставата е дуодрама и мултимедијална, што му дава динамика на дејството. Актерите Талија Настова и Самоил Стојановски толкуваат по четири улоги во четири различни приказни.
„Ова е филм во театар и театар во филм. Поднасловот на драмата е ‘Љубовен триаголник’ и се обидовме да го покажеме тој триаголник помеѓу театарот, филмот и актерите“, рече Настова.
Сценографијата во претставата е на Филип Коруновски, видеодизајнот на Данчо Стефков, аудиодизајнот на Сашко Костов, а дизајнот на светлото е на Марјан Тодоровски.
Претставата „Драма изгубена во времето“ е работена со средства од буџетот на театарот и е трета премиера на Велешки театар годинава.
П. ПЕЧКОВ