МАКЕДОНСКИТЕ ПОП-ПЕЈАЧИ ОД ДЕВЕДЕСЕТТИТЕ СО ЗАЕДНИЧКИ, БЕСПЛАТЕН КОНЦЕРТ НА 30 НОЕМВРИ ВО САЛАТА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонски поп-пејачи кои најголемите хитови ги имаа на крајот од деведесеттите, ќе одржат заеднички концерт во Скопје, на 30 ноември, од 20 часот во салата „Јане Сандански“.

На настанот наречен „99 мегаѕвезди“ ќе настапат: Александар Митевски, Андријана Јаневска, Арбен Бени Шаќири, Верица Пандиловска, Искра Трпева, „Пис брадрс“, Маја Гроздановска-Панчева, Ребека Јанковска-Ристески, Ристо Самарџиев и Кристина Арнаудова. Како водители на шоуто се најавени Миа Костова и Мартин Трпески кои по долги години повторно соработуваат, откако во 1999 година го водеа музичкото шоу „99 акција“, па оттаму и името на музичкиот настан. Водители ќе бидат и Игор Џамбазов и Марјана Станојковска.

Влезот на концертот ќе биде бесплатен со регистрација, а точните информации ќе се објават на 18 ноември.

Концертот ќе се одржи на бина од 120 квадратни метри, а уреден ќе биде просторот пред салата, наменет за сите оние кои нема да можат да влезат на концертот. Публиката надвор ќе може да се послужи со бесплатен чај. Најавени се и игри на среќа.

 

Фото: На концертот ќе настапи и Маја Гроздановска-Панчева која работи во хорот на НОБ